Македонија

Странските тур-оператори ја скенираат туристичката понуда на Македонија

Странските тур-оператори ја скенираат туристичката понуда на Македонија

Дваесет странски медиуми и туроператори денеска од Албанија пристигнуваат во Македонија, како дел од нивната регионална турнеја за запознавање со туристичките потенцијали на Западен Балкан.

Турата „Недела на авантури“ во Македонија ќе трае до 4 септември, до кога странските гости ќе се запознаваат со туристичката понуда на земјава. Меѓу нив се и претставници на реномираните National Geographic Traveler, Lonely Planet и Yahoo Travel.

Целта на посетата е промоција на Македонија како дестинација за активен туризам пред највлијателните туроператори и медиуми од Северна Америка и Европа, со цел зголемување на бројот на странските туристи во земјата.

Туроператорите ќе воспостават врски со бизнисите од секторот туризам во земјата за во иднина да можат да продаваат патувања до Македонија.

Групата странски туроператори на граничниот премин Св. Наум вечерва ќе ја пречека директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Кристијан Џамбазовски, од каде на велосипеди ќе се упатат кон манастирот Св. Наум.