СТРАЗБУР: Бугарија притисната до ѕид за ОМО Илинден

Највисокото тело на Советот на Европа, Комитетот на министри, ќе изрече казна против Бугарија поради тоа што властите во таа земја упорно одбиваат да ја регистрираат партијата на македонското малцинство, ОМО Илинден – Пирин.

Најстарата европска организација сè уште нема донесено одлука каква ќе биде казната за Бугарија, но таа во никој случај нема да биде парична, поради тоа што се покажала како неефикасна. Kомитетот веќе ја започна расправата во седиштето на Советот во Стразбур, а епилогот се очекува да биде познат за неколку дена.

Од ОМО Илинден за Телеграф.мк потврдуваат дека од Советот на Европа добиле уверување дека Бугарија ќе биде казнета и дека ова можеби ќе биде најжестокиот притисок до властите во Софија конечно да соберат храброст и да ја регистрираат партијата. Оттаму уште велат дека не е исклучено и по изрекувањето на санкцијата, делегација од Советот да допатува во Бугарија и на средби со новата власт уште еднаш да се заложат ова прашање да се реши.

– На Советот веќе му е јасно дека ова е политички, а не правен проблем и дека Бугарија не сака да ја регистрира нашата партија. Овој пат имаме различна ситуација и казната ќе стигне од Комитетот на министри, кој има многу поголема моќ. Сѐ уште не знаеме што конкретно ќе биде казната, но најверојатно ќе значи засилен мониторинг и барање до Европската унија да ѝ наложи на Бугарија да ги почитува правата на малцинствата – вели Стојко Стојков, претседател на партијата на Македонците во Бугарија.

Случајот со ОМО Илинден – Пирин е директно поврзан со тоа што бугарските власти не ги спроведоа неколкуте пресуди на Европскиот суд за човекови права според кои Бугарија беше должна да ја регистрира партијата. Македонците имаа неколку неуспешни обиди да ја регистрираат партијата, но одговорот на судските институции секогаш беше ист, а тоа е дека не успеваат да ги соберат неопходните 5.000 потписи.

Единствениот пат кога партијата накратко доби регистрација беше во 1999. година и тогаш таа учествуваше на локалните избори, на кои освои пет градоначалнички места. Но, нејзината регистрација набрзо беше поништена од Уставниот суд на Бугарија. Образложението на Судот беше дека партијата се залага за отцепување на дел од бугарската територија и поради тоа не треба да ѝ се дозволи да постои.

2

Од партијата велат дека без разлика кој е на власт, во Бугарија не постои расположение да се признае постоењето на македонско малцинство и да се регистрира партијата. Како пример го наведуваат Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Македонија, со кој Македонија практично треба да се откаже од поддршката на македонското малцинство кај источниот сосед.

Затоа ОМО Илинден- Пирин и официјално преку декларација побара од македонската Влада да не става потпис на договорот, за, како што велат, да не стане соучесник во негирањето на Македонците како малцинство во Бугарија.