Македонија

Стренц: СДСМ да не поттикнува и да не организира насилни протести

Стренц: СДСМ да не поттикнува и да не организира насилни протести

Пратничката во Бундестагот на Сојузна Република Германија  Карин Стренц преку писмена декларација изрази жалење за повредените полициски службеници на протестот пред Владата на Република Македонија во Скопје на 5 мај и повика протестите да бидат мирни, а политичките актери во земјата итно да најдат одржливо решение за политичката криза, пренесува МИА.

Во таа насока, вели Стренц во декларацијата, целосно ја поддржувам изјавата на Европската комисија по однос на ова прашање.

Таа потенцира дека „внимателно ги следи последните настани во врска со политичката ситуација во Македонија, особено во делот на неодговорното однесување на политичката опозиција“.

– Го поддржувам правото на мирни протести и слободата на изразување. Во исто време ги осудувам насилните протести и злоупотребата на оваа демократска алатка. Насилните протести се против демократијата и владеењето на правото и против европската иднина на Македонија. Го повикувам Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) да не поттикнува и да не организира насилни протести. Загрижена сум од фактот дека заменик-претседателот на СДСМ, Шекеринска, организирала и давала инструкции за насилни дејствија на протестот од 5-ти мај оваа година во Скопје, се вели во декларацијата од пратеничката Стренц.

Таа меѓу другото нагласува дека целосно ја поддржува интеграцијата на Македонија во Европската унија и НАТО и укажува дека евро-атлантската интеграција претставува заедничка одговорност, и на Владата и на опозициските партии.

– Ја поддржувам позицијата на Европската унија со кој ја потврдува својата силна загриженост во врска со ситуацијата во земјата, како што веќе е нотирано во последните заклучоци на Советот за општи работи на Унијата.  Жалам за повредените припадниците на безбедносните сили во текот на демонстрациите. Како општ принцип, би сакала да потсетам на клучната важност на слободата за одржување мирни протести,  собири и слободата на изразување, како што е утврдено во Европската конвенција за човекови права. Тие мора да бидат јадро на вредностите на функционална демократија, протестите се право кое не треба да се злоупотребува, подвлекува Стренц.

Во пишаната декларација пратеничката во Бундестагот потсетува дека од сите политички актери во земјата се очекува да преземат итна акција кон изнаоѓање одржливо решение за актуелната политичка криза, преку конструктивен ангажман да се рестартира соодветниот политички дијалог и да се врати довербата во институциите.

– Ги поддржувам и обете, и политичкото и правното решение за излез од постоечката криза. Се надевам дека добрите економски перформанси со највисок раст на БДП во првиот квартал од оваа година во Европа, како што е наведено од страна на ЕУ,  ќе бидат проследени со релаксирана и демократска политичката атмосфера во земјата, стои во декларацијата на пратничката во Бундестагот на Сојузна Република Германија,  Карин Стренц.