Стриминг сервисот Spotify се соочува со тужба од 1,6 милијарди долари

Интернет сервисот за стриминг музика Spotify минатата седмица примил тужба од издавачката куќа „Wixen Music Publishing“ за наводно кршење на авторските права со користење на илјадници песни, вклучително и на Нил Јанг, Том Пети, Џенис Џоплин, Миси Елиот, Бич Бојс и  Дорс, без дозвола и надомест за музичкиот издавач.

Издавачот „Wixen Music Publishing“, кој има ексклузивни права за песни како што се „’Free Fallin“ на Том Пети или „Light my Fire“ на Дорс, а соработува со музичари како Стив Никс, бара надомест на штетата во износ од најмалку 1,6 милијарди долари.

Сервисот Spotify не добил директна или задолжителна лиценца од Wixen, којашто би му дозволила репродукција и дистрибуција на песните, се наведува во тужбата поднесена пред сојузниот суд во американската сојузна држава Калифорнија.

Од Spotify не коментирале ништо. Во мај, оваа компанија чиешто седиште е во шведската престолнина Стокхолм, се согласи да плати 43 милиони долари поради неплаќање на надоместоци за некои од песните коишто ги овозможила достапни за нејзините корисници.

Вредноста на Spotify, чиешто водство планира оваа година да ги понуди акциите на берза, скокна во последните месеци за околу 20 отсто, на најмалку 19 милијарди долари.