Строги контроли и одземање на концесии доколку не се уплати надоместокот за експлоатација на минерални суровини

Во рамки на проектот „Отворено со бизнисот“, министерот за економија, Ваљон Сараќини одржа средба со концесионери на минерални суровини, кои информираа за тековните активности на локалитетите за кои ја имаат добиено концесијата, за предизвиците со кои се соочуваат при работењето, а воедно сакаа да се информираат и за електронското аплицирање за концесии, што претставува една од новините кои ги воведе Министерството за економија, во насока на олеснување на постапката.

Најгорливиот проблем за концесионерите, кои работат строго почитувајќи го законот и навремено ги подмируваат обврските кон државата во вид на концесиски надоместоци од кои 78 отсто одат во буџетот на општината каде се наоѓа локалитетот, а 22 отсто се слева во државната каса, е нелојалната конкуренција.

Министерот Сараќини, излегувајќи во пресрет на барањата на концесионерите, најави засилени контроли во овој сектор, во кои покрај инспектори од Државниот инспекторат за техничка инспекција ќе земат учество и останатите инспекциски служби во државата, вклучувајќи ја и трудовата инспекција и УЈП.

„Покрај зајакнатите контроли, потсетувам дека до 10 декември е крајниот рок за уплаќање на концесискиот надоместок, па сите оние кои тоа нема да го сторат во рокот, веќе од следниот ден, значи од 11 декември, ќе започнеме постапка на одземање на доделените концесии. Законот за минерални суровини е работен заедно со концесионерите, па мора и да се почитува од сите. Тоа е во интерес и на државата, а и на општините кадешто се наоѓаат доделените концесии, така што ќе бидеме доследни во неговото спроведување и максимално почитување“, рече Сараќини.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.