Стручен тим од ЕУ, ООН и Светска банка на терен во поплавените делови

Европската унија и Светска банка заедно со агенциите на ООН во земјата одговорија на барањето на Владата за помош во справувањето со штетата предизвикана од катастрофалните поплави.

Како што се наведува во заедничкото соопштение на делегациите, покрај тековните напори за помош по оваа непогода, заеднички тим на стручни лица за санација од катастрофи од ЕУ, ООН и Светска банка е распореден на терен за да работат со колегите од земјата во идентификување на причините за поплавите и на проценка на последиците од нив врз населението и економијата.

Проценката се очекува да биде завршена кон крајот на септември 2016 година.

Анализата на тимот ќе се заснова врз принципите на одржливиот развој. Тоа вклучува обнова и подобрување на оштетената инфраструктура заради зајакнување на нејзината отпорност и зголемување на нејзината улога во спречувањето вакви слични катастрофи во иднина. Стратегијата за обнова ќе ги идентификува итните приоритети и ќе даде детална проценка на трошоците, обезбедувајќи рамка за донаторска поддршка.

Раководителот за соработка при Делегацијата на ЕУ во Скопје Мартин Клауке изјави дека поплавите од поројните дождови во август се трета катастрофа од ваков вид што ја погоди земјата во последниве 18 месеци и од овие причини, како што вели, важно е да се гледа подалеку од помошта што се дава во вонредни состојби и санацијата на штетата, да се согледа коренот на причините за катастрофите.

Постојаниот координатор на ООН во земјата Луиза Винтон објасни дека заедно се фокусираат на спречување на катастрофите. – Ова значи да се осврнеме на недостатоците во инфраструктурата за заштита, како што се одводните канали и системи. Да се смени однесувањето на населението, да се спречи депонирањето отпаден материјал во одводните канали и коритата и да не се градат објекти во делови каде постои висок ризик од поплави, како и воспоставување системи за рано предупредување кои можат да алармираат брзо за опасност од поплави од пороен дожд, рече Винтон.

Директорот на Светска банка Марко Мантованел изрази жалење поради трагичната загуба на животи, како и загриженост поради позачестените екстремни временски состојби, како во регионот, така и во земјата.

– Итното преземање активности за намалување на постоечкиот ризик од природни непогоди, избегнувањето креирање нови фактори на ризик и поефикасната реакција на катастрофи се неопходни за да се минимизираат последиците од овие настани врз населението и економијата во иднина. Светска банка е решена да им помогне на земјите да изградат отпорност на катастрофи преку вградување на ризикот во нивните одлуки за инвестиции, рече Мантованел.

– ЕУ и агенциите на ООН се активни во обезбедувањето помош. Агенциите на ООН обезбедија финансиска помош за Црвениот крст и ги дистрибуираа потребните залихи како што се комплети за лична хигиена, хигиенски средства, душеци и ќебиња од сопствените резерви, се наведува во заедничкото соопштение.

ЕУ веднаш го активираше Механизмот за цивилна заштита на барање на националните власти, а земјите-членки на ЕУ, се додава во соопштението, брзо обезбедија финансиска и материјална помош преку овој систем. Европската комисија донираше 150.000 евра како директна помош, а придонесите од земјите-членки на ЕУ над 2 милиона евра. Во 2015 ЕУ одобри пакет од 10 милиони евра за земјата за справување со последиците од поплавите и преку Директоратот на ЕУ за цивилна заштита и хуманитарна помош обезбеди 3 милиони евра за регионална програма за поголема подготвеност во случај на катастрофи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.