Ветеринари од АХВ во контрола на бачилото во гостиварска Симница

Официјални ветеринари од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со надлежното ветеринарно друштво и стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина вршат контрола на одгледувалиштето за овци во гостиварското село Симница, со цел да се утврди евентуално присуство на заразна болест кај добитокот и евентуалната причина за појава на болест од која две лица починаа, а уште 7 се лекуваат на скопската Клиника за инфективни болести.

Од страна на официјалните ветеринари земени се мостри за лабораториско испитување од добиточната храна и водата во одгледувалиштето, од производи од млеко и сирење кое се произведува во бачилото. Земена е и крв од овците за дијагностичко испитување, со цел утврдување на евентуалниот причинител на заразата. На одгледувалиштето зголемени се и биосигурносните мерки, а во текот на денот ќе биде извршена и комплетна дезинфекција и дератизација.

Заради спречување на ширење на евентуална зараза, изречени се мерки за забрана за движење на стадото и обврска за задолжително пријавување на евентуално заболени или угинати животни до надлежното ветеринарно друштво.