Струмица доби пречистителна станица

Струмица доби модерна прочистителна станица.  Се работи за проект вреден околу 6,5 милиони евра чија реализација ќе значи конечно решавање на деценискиот проблем со отпадните води во општината.  За премиерот Зоран кој присуствуваше на означувањето на почетокот  на   работата на станицата имплементирањето на нови технологии кои истовремено ќе овозможат заштита на животната средина и правилно искористување на ресурсите се основа за долгорочен економски развој и на локално и на национално ниво.  Тој потенцираше дека овој проект меѓу другото струмичкиот регион како најголем производител на раноградинарски производи ќе го стави на мапата на квалитетно и здраво еколошко земјоделско производство.

,, Општина Струмица од секогаш беше лидер во спроведувањето на модерни, нови технологии и решенија. За таков тип на проекти се залагав и ги спроведував додека бев градоначалник и особено ми е драго што тој тренд продолжува во мојата Струмица. По тој прогресивен пат денеска и Македонија чекори напред.  Владара на Република Македонија има јасна определба да соработува со општините во изградба на вакви капитални проекти. Тие се од огромна важност за подобрување на квалитетот на на ѓивотната средина на нашите граѓани. Со големо задоволство можам да информирам дека во завршна фаза се уште две прочистителни станици предвидени во оперативната програма за регионален развој . Едната во Кичево, другата во Радовиш.,, рече претседателот на владата на Република Македонија Зоран Заев

Проектот е финансиран   со средства добиени од европските фондови во рамки на оперативната програма за регионален развој, а  се реализираше во соработка помеѓу општина Струмица, и министерствата  за животна средина и  финансии.

,, Пречистувањето на отпадните води заедно со решавањето на сите еколошки прашања е високо на агендата на Европската Унија. Причината за тоа е многу едноставна, се работи за здравјето на луѓето и пред се за здравјето на идните геберации. Оваа современа станица за пречистување на отпадните води значително ќе го подобри квалитетот на водата од реката која тече низ вашето земјоделско земјиште . Таа исто така ќе ги елиминира опасностите предизвикани од непрочистената канализација.,, рече Амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар.

Изградбата на Пречистителната станица за отпадни води во Струмица ја реализираше компанијата WTE членкана ЕВН Групацијата и која е водечка компанија за снабдување со вода и третман на отпадни води на пазарот во ЕУ.

„Водата е еден од најважните ресурси на 21 век. Токму затоа начинот на кој го користиме овој ресурс станува многу важно прашање. Ние сме навистина горди што сме во овој сегмент лидери во Европа, а дополнително нé радува што преку овој проект имавме можност нашето знаење и искуство да го понудиме и во земјава“, истакна Франц Митермаер, член на Управниот одбор на ЕВН Групацијата.

Инсталираните капацитети во Прочистителната станица која е сместена во селото Сачево на површина од 55 илјади метри квадратни , го опфаќаат градот Струмица со 53.419 жители и 12 населени места, со дневен капацитет на отпадни води од 9.458 m3. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.