Струмица го одбележа роденденот на Борис Трајковски

Општина Струмица денеска ја одбележа 58–годишнината од раѓањето на трагично загинатиот претседател, Борис Трајковски. Претставници на локалната самоуправа, на семејството Трајковски, на јавните институции и политичките партии, положија цвеќе пред споменикот „Македонија“ во големиот градски парк, а за животот и делото на претседателот Борис Трајковски зборуваше Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица.

„Ретки се луѓето во светската историја кои доаѓале до врвот на својата државничка кариера, а притоа знаеле да останат свои, да бидат препознатливи и да останат со истите специфики, вредности и мани какви што ги имале и порано. Без сомнение, станува збор за ретка и чиста доблест, имуна на сите можни влијанија и опасности да биде контаминирана со негативните особености на новото време. И тогаш кога се ракуваше со големите светски политичари, и тогаш кога го трошеше секој атом од својата енергија за интензивирање на евро-атланските аспирации на Република Македонија, и тогаш кога неговиот мирољубив дух спречи понатамошна ескалација на конфликтот во 2001 година, и тогаш кога се среќаваше со обичните луѓе – работници и селани, секогаш, апсолутно секогаш, Борис остануваше Борис“ рече Христов.

Во чест на Трајковски, беа прочитани и првонаградените творби на распишаниот литературен конкурс на тема „И по десет години, спомените за претседателот Борис Трајковски сè уште живеат“ во организација на библиотеката „Благој Јанков Мучето“.