Струмичани задоволни од најавената инвестиција на Џонсон Контролс

Џонсон Контролс најави нова фабрика во Струмица. Струмичани се задоволни од новата инвестиција. Велат дека тоа ќе помогне за нови вработувања, особено за младите и дека со тоа ќе ги задржи да останат во својата земја.

Џонсон Контролс отвора нов капацитет во Струмица. Станува збор за инвестиција вредна 20 милиони долари која ќе отвори 1.500 нови работни места. Граѓаните на Струмица даваат силна поддршка за ваквите проекти, пишува „Курир“.

Еве што велат дел од анкетираните струмичани:

-Тоа е добро. Да се вработат младите тоа е најбитно за државата. Друго ништо. Да не одат во странство.

-И за градот и за околината е многу добро. Ќе има вработување, што е поубаво од тоа? Денес младите треба да се вработат. По оваа фабрика, може уште некоја да се отвори. Струмица е град во кој треба да се отвораат повеќе индустриски објекти затоа што има сировина, може да се извезува и преработува, за и земјоделците да имаат корист.

-Мислам дека ова ќе помогне на младиот народ да не ја напушти државата.

Со влезот на Џонсон Контролс во Струмица, се исполни уште едно ветување кое премиерот Груевски го даде пред струмичани.

-Владата е во финални преговори со глобална американска компанија за инвестирање во ТИРЗ Струмица за изградба на фабрика за производство на автомобилски делови. Ова го истакна премиерот Никола Груевски при посетата на струмичко кон крајот на месец август.

Неколку недели подоцна ова ветување стана стварност. Инвестицијата ќе стартува идната година напролет како браунфилд, во постоечка зграда, а потоа ќе прерасне во гринфилд, најдоцна до пролетта 2017-та.

Инвестицискиот план предвидува првите вработувања да бидат до крајот на годинава, а до крајот на 2016-та ќе бидат вработени 300 лица.  Џонсон Контролс трет пат инвестира во Македонија. Во 2006-та влегоа во Скопје, пет години подоцна инвестираа во Штип, а сега инвестираат и во Струмица.