Струмичанец последна жртва на грипот во земјава

Шеесетгодишен маж од Струмица е најновата жртва на грипот, информираат од Клиниката за инфективни болести во Скопје.

Пациентот 10 дена бил хоспитализиран на Инфективната клиника со тешка клиничка слика и повеќе хронични заболувања, како што се акутна бубрежна слабост и хронична миокардиопатија. И покрај спроведената антивирусна терапија и вложени максимални напори на лекарите од Инфективната клиника, поради масивната билатерална бронхопневмонија пациентот завршил со смртен исход.

На Клиниката за инфективни болести во моментот се хоспитализирани 105 пациенти, од кои шест се во потешка здравствена состојба и се лекуваат на одделението за интензивна нега. Со последниот починат, бројот на жртви на сезонскиот грип во земјава се искачи на 10 лица.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.