Стружанец повреден при експлозија на плински боци

Педесет и осумгодишниот Н.Ф. од струшкото село Лабуништа се здобил со опекотини по лицето и другите делови од телото при експлозија на плински боци што ги превезувал во патнички автомобил марка „Рено трафик“ со италијански регистарски ознаки.

Повредениот, како што информира СВР Охрид, итно бил префрлен во Општата болница во Струга, каде му била пружена неопходна медицинска помош, по што бил пуштен на домашно лекување.

– Настанот се случил вчера во 17 часот и 40 минути на магистралниот пат Струга-Дебар кај месноста „Мороишки мост“, кога од експлозија на плински боци во возачката кабина дошло до опожарување на целиот автомобил, кој се движел по магистралниот пат, изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Повредениот превезувал три плински боци кои претходно ги наполнил со течен гас.

– Во еден момент, во возачката кабина настанала експлозија на плинска боца од 12 литри при што настанал пожар кој брзо се проширил низ целото возило кое, набрзо целосно изгорело, појасни Димоски.

На местото на настанот интервенирала противпожарната единица од Струга, а по овластување на јавен обвинител, увид изврши полициска екипа од полициската станица во Струга.