Стружани протестираат за депонијата, ВМРО-ДПМНЕ бара итна седница за еколошката катастрофа (ВИДЕО)

Депонијата во Струга речиси два месеци постојано гори, а поради густиот чад и непријатната мирисба кои се шират низ градот, стружани деновиве организираат протести. Тие го продолжуваат својот протест, бидејќи уште не е пронајдено решение за илегалната депонија која секојдневно ги гуши.

Граѓаните на Струга бараат итно затворање и дислокација на местото за одлагање на отпадот. Најавија  и блокади на неколку правци доколку ситуацијата набрзо не се реши.

Но засега не се знае кога и дали ќе се затвори депонијата, ниту дали ќе биде преместена.

Струшката депонија е долгогодишен проблем кој ниту еден од градоначалниците не го реши. Ниту новиот министер без ресор Рамиз Mерко, кој долги години беше струшки градоначалник, ниту пак коалициониот партнер на СДСМ Зијадин Села не го решија проблемот со депонијата. Дополнително, и во мандатот на Mерко, и во оној на Села, министер за екологија беше човек од редовите на ДУИ.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски денеска од Собраниската говорница повика да се отвори итна седница и рече дека оваа ситуација со Струга треба да биде прв момент во кој Собранието треба, може и мора да се натфрли.

– Имаме проблем, акутен и ова што во овој момент го гледам во Струга е стварно надвор од она што може да се толерира. Да не дозволиме акутниот проблем во Струга да стане хроничен како во некои други општини, без да споменувам други општини. Ние како група на избрани пратеници можеме да доставиме материјал до Собранието, но тој материјал не сакаме да бидеме политички памфлет, истакна Димовски.

Тој ја повика владата да достави барање до Џафери за свикување итна седница за ова прашање, но појасни дека доколку владата не го направи тоа до 16:15, истото ќе го направат пратениците од Коалицијата „За подобра Македонија“.

Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку за време на посетата на општина Струга изјави дека Министерството има формирано работна група за разгледување на проблемот со депонијата.

Тој најави дека проблемот со депонијата ќе го решат со користење средства од ИПА фондовите.