Стружанец ја оштетил „Проаква“ за 800 илјади денари

48 годишниот А.В. од струшко Радолишта си заработи кривична пријава бидејќи додека бил раководител на „Проаква“ се богател на штета на претпријатието.

А.В., информира охридската полиција, успеал да се збогати со 328.512 денари, на штета на „Проаква“.

„Противправната постапка ја направил во текот на 2012 и 2013 година, кога од фирма од Скопје подигнал ХТЗ опрема, која воопшто не била донесена и прикажана во магацините на претпријатието. За набавената ХТЗ опрема не била изготвена испратница или друг соодветен документ потребен за книговодствено евидентирање во „Проаква““, соопштува полицијата.

Стружанецот, информира полицијата, во својство на управител го оштетил претпријатието со кое раководел, за дополнителни 523.500 денари.

„Во текот на 2012 и 2013 со казнено-поправниот дом затвор – Струга склучил договор за привремено ангажирање на осум затвореници во „Проаква“ како работници за одржување паркови и зеленило. Од увидот во книговодствените евиденции на двата субјекти, констатирано е дека за секој ангажиран затвореник, КПД наплатил дневница од 500 денари. Според финансиските картици, јавното претпријатие имало обврски кон КПД од 219.000 денари за 2012 и 304.500 денари за 2013 година“, се наведува во соопштението на СВР Охрид, каде е посочено дека ангажираните затвореници, најчесто не се појавувале на работното место и не ги извршувале работните задачи.