Македонија

Стружани добија корисни совети за енергетска ефикасност

Стружани добија корисни совети за енергетска ефикасност

Совети за енергетска ефикасност, колку се искористуваат обновливите извори во Струга, изолацијата во домот и како разумно да ја користат енергијата се дел од прашањата што стружани денеска им ги поставуваат на стручните лица во рамки на отворениот ден за придобивките од користењето обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност.

Отворениот ден е во рамки на проектот „Зголемување на енергетската ефикасност и употребата на обновливите извори на енергија во прекуграничниот регион“, финансиран од Европската Унија, како дел од ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Албанија, а го организира Центарот за енергетска ефикасност на Македонија – МАЦЕФ и Центарот за развој на југозападниот плански регион, со поддршка од општина Струга.

Зоја Таревска од МАЦЕФ оцени дека интересот кај стружани е голем и оти инженери за енергетска ефикаснот им објаснуваат како разумно да ги применуваат обновливите извори на енергија, како во своите домови да ја зголемат енергетската ефикасност и да ги намалат трошоците за греење. – Стручни лица им укажуваат дека на осветлувањето во домот му припаѓа 10 до 15 отсто од потрошувачката на електрична енергија, во малите и средни претпријатија потрошувачката од осветлување е 25 проценти, а со користење на енергетски ефикасни или така нарачени штедливи светилки потрошувачката од осветлување се намалува и до 70 проценти, појасни Таревска.

Во домот, според неа, најчесто топлината се губи околу 25 проценти преку покривот и преку врати и прозорци, 35 од неизолирани ѕидови и 15 отсто во подот или подрумски простории. Термостатот кај уредите за ладење треба да биде поставен на 25 степени, секој степен пониско додава шест отсто на трошоците од ладење.

За искористување на природните ресурси на граѓаните во Струга им беше посочено и користење на биомаса, односно отпадоци од земјоделски производи, искористување на сончевите зраци преку поставување сончево колектори,…

Целта на проектот „Зголемување на енергетската ефикасност и употребата на обновливите извори на енергија во прекуграничниот регион“, според Стојан Савевски од Југозападниот плански регион, е да им се објаснат начините и методите на граѓаните, како да се стигне до поголема заштеда на енергија.

Проектот, појасни тој, вклучуваше обука на администрацијата во општините и во јавните претпријатија за поголема ефикасност во дејствувањето, особено во делот на обврските на општините за изработка на акциски планови.