Студен туш за СДСМ и од Берлин- опозицијата да се врати во Собранието

 

 

Во завршната декларација од самитот во Берлин има порака и до опозицијата но и власта во земјава околу политичката криза. Во текстот се наведува дека во плурална демократија опозицијата треба да ја игра својата улога во парламентарни рамки и мора да сака да го стори тоа, пренесува Алфа.

Студен туш за СДСМ. Јасна и недвосмислена порака за опозицијата од самитот во Берлин дека мора да се врати во Собранието.Со наведеното во декларацијата по самитот во делот за Македонија пропаднаа сите обиди на опозиционерите да прикаже дека странскиот фактор, вклучувајќи ја и Германија стои зад нив и го оправдува потегот на социјалдемократите со бојкотот на законодавниот дом.

“Во плурална демократија опозицијата треба да ја игра својата улога во парламентарни рамки и мора да сака да го стори тоа”, е наведено во декларацијата.

И политичките аналитичари сметаат дека наведеното во декларацијата од самитот е само уште една потврда за тоа дека местото на опозицијата е во парламентот. Сите услови за делување во парламентот според експертската јавност се овозможени. СДСМ да отстапи од нереалните услови.

“Опозицијата ги има сите услови за да делува во Собранието.СДСМ и Заев треба да отстапат од нереалното барање за формирање техничка влада во моменти кога власта кажа дека е подготвена да разговара за другите барања”, вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

Наспроти ваквите пораки од Берлин, социјалдемократите продолжуваат со делување надвор од институциите. Остануваат на ставот за непризнавање на изборните резултати како причина за бојкот на парламентот. Пред една недела најавија делување на терен со 5000 тима од врата на врата, иако тимовите на терен никаде ги нема.