Студент убиен во Бангладеш за промовирање на секуларни погледи

Според локалниот весник „Дака трибјун“ кој се повикува на полициски извори, студентот Назимудин Самад (28) прво бил нападнат со мачети, а потоа застрелан.

Убиството се случило на една раскрсница во главниот град Дака, по што неговите напаѓачи избегале со моторцикли.

Студентот Самад бил организатор на една секуларна група која водела кампања за реформирање на општеството, ослободено од стегите на религијата.

Во текот на минатата година, во Дака и во Бангладеш беа нападнати и убиени повеќемина познати блогери и автори, кои на Интернет го застапуваа секуларизмот во земјата.

Се верува дека сите беа убиени од банда религиозни фанатици, иако Бангладеш официјално важи за секуларна држава.

Критичарите и опозицијата ја обвинуваат владата дека и покрај големиот број вакви инциденти, досега нема ништо направено за да се пронајдат и уапсат убијците кои се затскриваат зад исламската религија.

Убиениот Самад, редовно објавувал прилози против религиозниот фанатизам и екстремизам.

Освен врз оние кои заговараат секуланост во Бангладеш, како цел на вакви напади се и припадниците на религиозните малцинства во земјата- пред се, шиитите, суфитите и ахмади муслиманите, како и христијаните и припадниците на Хинду заедницата.

Џихадистичката група Исламска држава (ИД) повреме се огласува со соопштенија, тврдејќи дека нејзнини припадници ги убиваат „неверниците“ но властите во Бангладеш никогаш досега ги немаат потврдено таквите изјави.