Студентите од Јеил направија македонски спектакл

Студентите по славистика на Универзитетот Јеил му приредија вистинско изненадување на претседателот Ѓорѓе Иванов,.

По говорот кој тој го одржа, во негова чест настапи Женскиот хор од катедрата за славистика од Јеил. Облечени во македонски народни носии, оваа група направи вистински празник на македонската култура, пеејќи традиционални македонски народни песни.

– Иако доаѓаме од различни земја, по некое време ни станува природно и многу забавно да ги изведуваме вашите песни. Секогаш кога настапуваме, како прва песна од нашиот настап изведуваме токму македонска песна – Што ми е мило, изјави Ајана Вуд од хорот, во кој членуваат студентки со разни потекла, од Азија, Русија, Чешка…  предводени од Ајана која е Афроамериканка од Чикаго.

Придружувани од виолина и тарабука, девојките од хорот беспрекорно ги изведоа и Јовано Јованке и Оддолу иде едно невестенце. Настапот на хорот кулминираше со изведбата на Македонско девојче, кога и девојките од хорот покажаа дека освен песните, научиле да го играат и македонското оро, при што им се придружија и претседателот Иванов и првата дама Маја Иванова, како и деканот на Теолошкиот факултет Грегори Стерлинг.

– Претседателе Иванов, по вашето предавање во Јеил, на македонски јазик, и ние, со овој настап сакаме да покажеме дека македонскиот јазик е жив јазик, кој ние го славиме тука во универзитеот Јеил, изјави деканот Стерлинг.

На предавањето на претседателот Иванов присуствуваше и Александра Георгиевска, студентка на додипломски студии која е единствената македонска студентка на овој водечки универзитет во САД.

– На Јеил има голем интерес за Македонија, особено на катедрата по етика, политика и економија, каде мојата теза е токму за проблемот со името. Колку повеќе се запознавам со спорот разбирам колку е комплициран и се помалку надеж имам дека во скоро време ќе се реши. Но, мислам дека е важно, бидејќи многу луѓе во САД не се ни свесни за постоење на овој проблем, да се сврти нивното внимание кон спорот за името, изјави Георгиевска.