Студентката Наталија Трајковска со најдобар есеј на УКЛО

Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола (УКЛО) ги објави резултатите од наградниот конкурс на УКЛО за најдобар есеј и најдобар истражувачки труд.

Првата награда за најдобар есеј на слободна тема ја освои студентката Наталија Трајковска од Правен факултет-Кичево, автор на есејот „Бебе, девојче, сестра, девојка, госпоѓица, жена, госпоѓа, мајка, баба, старица“, втората награда и припадна на Виолета Павлеска, студентка на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола за есејот „Инферно“, додека третата награда беше доделена за есејот „Визија за подобро утре“ од Андрина Поповска, студентка на Правен факултет – Кичево, дисперзирани студии во Битола.

– Според востановената традиција во пресрет на патрониот празник на универзитетот се распишува конкурсот за најдобар есеј и најдобар истражувачки труд, а интересот од година во година е се поголем. Комисиите внимаваат на квалитетот на трудовите и затоа во конкуренцијата најдобар истражувачки труд годинава се додели само една втора награда и тоа за трудот „Употреба на јаглехидратите во исхраната на адолесцентите во регионот на Југозападна Македонија“ на студентката  Александра Николовска од Технолошко-технички  факултет – Велес, дисперзирани студии Битола, истакна Елизабета Ангелеска-Атанасоска, советник за односи со јавност во Ректоратот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола.

Свеченостите по повод 35-годишнината од основањето на УКЛО ќе бидат заокружени утре на Високата медицинска школа, каде гостин предавач ќе биде Мохамад Ариф, претставник на УНХЦР во Скопје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.