Студентски парламент бара Иванов да стави вето на законот за јазиците

Од Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (СПУКМ) денеска преку јавно писмо во кое, како што велат, им се обраќаат на студентите, претставниците во законодавниот дом и на целата македонска јавност, бараат најитно повлекување на Законот за употреба на јазиците.

„Чувствуваме одговорност да упатиме јавно писмо во врска со неодамнешното гласање на Законот за употреба на јазиците бидејќи нашето индиректно право на глас, овозможено преку пратениците како наши претставници кои би требало да ги штитат нашите интереси, ни е скратено“, истакнуваат од СПУКМ.

Тие ги повикуваат народните пратеници да носат закони во согласност со Уставот и додаваат дека владеењето на правото мора да биде главен епитет во работењето, а не, како што велат, шверцерски со знаменце на Европска Унија да се носат антиевропски закони кои ја нарушуваат меѓуетничката хармонија, го суспендираат Уставот и ги рушат основните белези на државата.

Од студентскиот парламент на УКИМ воедно истакнуваат дека ги споделуваат и поддржуваат ставовите и аргументите од отвореното писмо до пратениците кое го упатија професорките Гордана Слијановска, Катица Ќулафкова и Симона Груевска – Маџовска.

„Овој закон нема врска со евроинтреграцијата на РМ, ниту значи хармонизација со правото на ЕУ. Овој закон не е приоритетен. Овој закон не е дел од Рамковниот договор, ниту е во неговиот дух. Овој закон не е конкретизација на амандманот V од Уставот на Република Македонија. Впрочем, правото на едниот завршува онаму каде што започнува правото на другиот. Законот за употреба на Македонскиот јазик налага, меѓу другото и негова заштита“, наведуваат од СПУКМ.

Оттаму го повикуваат претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, во име на неговата функција како претседател на оваа држава, но и како почитуван професор на правниот факултет на УКИМ, да ги заштити и брани националните интереси и суверенитетот на Република Македонија и да го употреби правото на вето за овој закон.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.