Студентските домови во Скопје ќе добијат нови лифтови

Министерството за образование и наука објави тендер за замена на осум лифтови во студентските домови во Скопје. Проектот не го опфаќа домот „Гоце Делчев“ каде што лифтовите се заменуваат при реконструирањето на блоковите.

– Со исклучок на домот „Гоце Делчев“, каде што лифтовите се менуваат паралелно со реконструкцијата на блоковите, во сите останати студентски домови предвидено е да се променат осум лифта. За оваа намена се планирани околу 15 милиони денари од буџетот. Очекувам по завршувањето на целата постапка, во втората половина од оваа година лифтовите да бидат наместени и ставени во функција. Со тоа, по неколку децении ќе се изврши комплетна промена на лифтовите во студентските домови, изјави  заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

За студентските домови во другите градови во Македонија нема потреба за лифтови, но тие ќе бидат опфатени со проектот за реконструкција и целосна промена на мебелот.

– Согласно со Законот за јавни набавки, подготовките се во завршна фаза, така што очекуваме во наредниот период да биде објавен и тендер за промена на мебел во сите студентски домови, не само во Скопје, туку и во останатите градови, додаде Ристовски.