Суарез најпосле позира во дресот на Барселона

Најконтроверзниот фудбалер на денешницата, репрезентативецот на Уругвај, Луис Суарез и официјално е најнова милионска аквизиција на каталонскиот гигант Барселона.

За да ги осигураат услугите на брзоногиот напаѓач, челниците на Барселона прво мораа да го прифатат, а потоа и да го исплатат побараното обештетување од 75 мил. фунти.

Дека се договорени сите детали, потврдија и раководните лица на англискиот Премиерлигаш Ливерпул.

„Можеме да потврдиме дека Луис Суарез го напушта клубот откако беше постигнат договор со Барселона. Фудбалерот сега доби зелено светло да ги комплетира вообичаените формалности, пред и дефинитивно да потпише договор со Барса. Би сакале да му се заблагодариме на Луис за неговиот придонес досега и за улогата што ја имаше за Ливерпул одново да биде дел од Лигата на шампионите. Сите членови на нашиот клуб му посакуваат се најдобро на Луис и на неговото семејство“, стоеше во клупското соопштение.

Уругваецот ќе потпише петгодишен договор со Барселона, а официјалната промоција ќе биде одржана во текот на следната седмица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.