Субрата Рој и се предаде на полицијата

Индискиот тајкун Субрата Рој утринава и се предаде на полицијата , откако претходно одби да се појави на суд под обвинување дека неговата компанија не им вратила на инвеститорите милијарди долари.

Врховниот суд на Индија издаде налог за апсење на Рој во средата, а вчера полицијата го побара во неговиот дом за да го приведе на сослушување, но не го пронајде.

Неговите адвокати тврдат дека Рој не се криел од полицијата и од судските власти, туку дека бил покрај неговата тешко болна 92-годишна мајка.

Синот на приведениот Рој,  Семанто, пред новинарите  во Њу Делхи го потврди апсењето и изјави дека татко му е подготвен да соработува со властите.

Судот му одреди на Рој притвор до четври март, за кога е закажано првото сослушување, но го одби барањето да му овозможи да се брани од слобода со кауција.

Налогот за апсење, Врховниот суд го издаде откако Рој не се појавил на закажаното рочиште по обвинувањата за измама.

Според индиското обвинителство, две компании на неговата „Сахара Груп“ заработиле од 3,9 милијарди долари преку продажба на обврзници за кои потоа е утврдено дека се нелегални.

Контролата на финансиското работење на „Сахара“ утврдила дека Рој не успеал да им ги рефундира парите на милиони инвеститори, иако за тоа бил обврзан од судот.

Групцијата „Сахара“ се проценува на 11 милијарди долари и таа има раширен бизнис во низа сектори, од банкарско-финансикиот и градежништвото, па до авијацијата и медиумите.

Во неговата групација има преку 1,1 милиони вработени, со што Рој е најголем приватен работодавач во Индија.