Субвенционирано вработување за 100 лица во социјален ризик

Вкупно 100 лица во социјален ризик ќе добијат можност за вработување и за обезбедување егзистенција преку мерката за субвенционирано вработување. Огласот за оваа мерка е во тек, а на него може да аплицираат компаниите и лицата во социјален ризик.

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски денес беше во посета на компанијата Крусел Грундинг, каде преку оваа мерка има вработено лице во социјален ризик, односно една самохрана мајка.

Компанијата се одзва на огласот за субвенционирано вработување. Во Агенцијата за вработување, заедно со Министерството за труд и социјална политика, потпомогнати од Светската Банка овозможуваме субвенционирано вработување во траење од шест месеци, зависно од степенот на образование и зависно од сумата што ја исплаќа компанијата за бруто плата. Значи 14.900 денари исплаќаме за лица со завршено средно образование и за лица кои што се со високо образование по 17.000 како бруто плата. Дополнително даваме стимул на компанијата во висина од 5.000 денари за секое вработено лице бидејќи оваа категорија на лица има потреба од повеќе прилагодувања, од повеќе време да се прилагодат на работниот процес, рече Поповски.

20160608_110744_resized

Тој информира дека  минатата недела беше објавен нов оглас за субвенционирано вработување на 100 лица и изрази надеж дека ќе има поголем интерес од компаниите и од лицата што се социјално ранливи. Како што рече, огласот ќе биде отворен се до целосно исполнување на бројката од 100 лица.

За оваа мерка, како што рече Поповски најчесто аплицираат микро и малите претпријатија. Досега, од 2014-тата година па наваму со оваа мерка се вработени 135 лица. Директорот на АВРМ нагласи дека иако не се работи за голема бројка, сепак радува фактот што овие лица сеуште работат.

Нашата компанија се занимава со увоз на техничка роба веќе 24 години и вакви акции се добредојдени и за нас и за помалите компании. Навистина има трикратна корист и за нас како компанија да се намалат трошоците, и за лицата кои ќе најдат работа, а и за државата да има една грижа помалку за едно семејство, рече сопственикот на компанијата Славе Илијоски.

Тој најави дека во иднина има можност од компанијата  да ги користат и другите мерки за намалување на невработеноста, како што е обуката за практиканти и слично.