Суд во Атина го прогласи за нелегален штрајкот во државната енергетска компанија ДЕИ

Опасноста од масивни прекини во снабдувањето со електрична енергија во Грција среде туристичката сезона, засега е отстранета, пишува Дојче Веле. Суд во Атина го прогласи за нелегален штрајкот во државната енергетска компанија ДЕИ.

Грчки суд вчера донесе пресуда со која штрајкот на вработените во електродистрибутивната компанија ДЕИ, поради кој ширум земјата дојде до кратки прекини во снабдувањето со електрична енергија, го прогласи за нелегалан.

Пресудата претставува големо олеснување и за Владата во Атина на самиот почеток од летната туристичка сезона, бидејќи туристичкиот сектор претставува најважната гранка од грчката економија. Вработените во ДЕИ, со поддршка од левичарските опозициски партии, протестираа против планот на Владата за продажба на дел од овој најголем грчки производител на електрична енергија, стравувајќи дека тоа ќе резултира со зголемување на цената на струјата и отпуштања од работа.

Вработените во ДЕИ во средата го почнаа првиот од најавената серија 48-часовни штрајкови, додека пратениците во грчкиот Парламент истовремено расправаа за предлог законот според кој следната година 30 отсто од акциите во електрокомпанијата ќе се продадат на конкурентска компанија. Вчерашната пресуда на судот на Владата и‘ овозможува да им нареди на штрајкувачите да се вратат на работа, а следеше откако ДЕИ завчера поднесе тужба против сопствените работници.

извор: Дојче Веле