Суданка осудена на смрт бидејќи се декларирала како христијанка

Во Судан денеска една христијанка е осудена на смрт со бесење за напуштање на исламот, и покрај поплаките до суданскиот судот да покаже сочувство и почит за верската слобода.

„Ви дадовме три дена да се откажете (христијанството), но вие инсистиравте на тоа дека нема да се вратите во исламот. Ве осудувам на смрт со бесење“, и рекол судијата на жената, обраќајќи и се по името на нејзиниот татко муслиман, пренесува агенцијата АФП.

Нејзиното христијанско име е Меријам Јахја Ибрахим Ишаг.

Судијата ја осуди Ишаг и со сто удари со камшик, за прељуба.

Ишаг која има 27 години и е бремена, не покажала никакви емоции кога и била изречена казната во судот во Картум.

Претходно во текот на сослушувањето, кога исламски лидер разговарал со неа околу 30 минути, барајќи таа да се откаже од христијанството, жената со смирен глас одговорила дека таа е христијанка и дека никогаш не извршила верско „отпадништво“.