Македонија,Политика

Судбината на опозициските пратеници ќе се знае за 15 дена

Судбината на опозициските пратеници ќе се знае за 15 дена

Комисијата за мандатно имунитетни прашања, според деловникот на Собранието, има рок од 15 дена да одлучи што понатаму ќе се случува со мандатите на опозициските пратеници. 

Претседателот на комисијата Александар Николовски по истекот на овој период ќе треба да соопшти дали опозиционерите биле оправдано или неоправдано отсутни. Но, ако Комисијата утврди дека постојат елементи за одземање на мандатите за нивниот предлог ќе се води претрес на првата наредна седница.

Како што се нагласува во Деловникот на Собранието, претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот. Имено, за да им се одземат мандатите, потребно е при гласањето да се обезбедат 82 гласа, или двотретинско мнозинство.

И покрај тоа што уште од самиот почеток опозицијата се изјасни дека пратениците од нејзините редови ќе поднесат оставки на функциите, парламентарното мнозинство не ги прифати, затоа што не беше закажана седница за ваква точка. Но, пратениците од опозицијата се откажаа од мандатите, но не и од платите. Иако не доаѓаат на работното место и не ја почитуваат волјата на граѓаните што гласале за нив, од буџетската каса за нив веќе се излеани 186 000 евра, кои тие во изминатите месеци ги примиле по основ на плати.

Од вкупно 34 пратеници на опозицијата во последниве шест месеци биле отсутни вкупно 31 пратеници. Солза Грчева, Љубица Буралиева и Роза Топузовска – Каровска ги прифатија пратеничките мандати и во неколку наврати ги повикаа своите колеги од опозицијата да се вратат во собраниските столчиња. И лидерот на ЛДП, Андреј Жерновски во својата изјава по средбата со лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека постојат пратеници кои сакаат да се вратат во Собранието.

Остануваат уште 15 дена во кои пратениците ќе може да одлучат дали ќе се вратат во Собранието и во кои ќе има можност за некакво придвижување во дијалогот помеѓу двете најголеми политички партии.