Судење „Монструм“: Обвинетите се подготвувале со снимки од Ал Каеда

Вознемирувачки снимки со пораки да се обединат браќата Муслимани во борба со поддршка од Алах, кои се пронајдени кај некои од обвинетите за петкратното убиство кај Смиљковското езеро денеска беа презентирани како доказ во случајот „Монструм“.

Доказите на денешното рочиште ги поднесе јавната обвинителка Гордана Гештакоска,  а за подобро разбирање беше донесен преведувач од арапски на македонски јазик.

На аудио и видео снимките беа прикажани вооружени и маскирани лица како извршуваат напади со автоматско оружје и ракети, но и како присуствуват на воена обука.

Во позадина на снимките се слушаат песни на арапски јазик за кои судијата Ивица Стефановски појасни дека служат за подигнување на моралот на муџахедините. На рочиштето беа презентирани повеќе видео записи со радикална исламистичка содржина под наслов „Ал Каеда ги обучува муџахедините“.

На дел од снимките беа претставени и припадници на американската војска и поранешниот претседател на САД, Џорџ Буш споредувајќи ги со Крстоносните војни.

На сите снимки се истакнуваше дека Алах е голем и дека тие се избрани од него за да се борат. Судењето се уште е во тек.

Адвокатот Митко Солаковски истакна дека презентираните снимките немаат никаква врска со обвинетите иако се најдени во нивните компјутери. Тој додава дека не може со сигурно да се тврди дека тие се сторители на убиството, а уште помалку да ги поврзуваат со убиства во Сирија, Палестина и Ирак. Се’ уште не е потврдено кај кого од шестмината обвинети се пронајдени снимките со радикален ислам.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.