Судењето во случајот Шпион продолжува зад затворени врати

Кој, кому и зошто се издавале државни тајни ќе знаат само судскиот совет и 19 обвинети во случајот „Шпион“ бидејќи рочиштата, по барање на дел од обвинетите, ќе се водат зад затворени врати.

Новинарите  беа присутни само на првото рочиште, кога се читаше обвинението, додека денеска им беше забранет влезот, бидејќи на барање на деветмина обвинети , судот ги затвори вратите и за медиумите и за роднините.

Дури ни поранешниот разузнавач Марјан Ефремов , на кому му се суди за организирање на групата која собирала и продавала државни тајни и информации на унгарски, грчки и руски служби, не сакаше својата одбрана да ја даде пред јавност. Тој, од судијата Ѓоко Ристов побарал време за да ги запознае доказите против него и да ја спреми одбраната. Се очекува првообвинетиот својот исказ да го даде на следното рочиште.

На обвинетите, меѓу кои има  разузнавачи и контраразузнавачи,  поранешни и актуелни вработени во Армија на Република Македонија, Управа за безбедност и контраразузнавање, Агенцијата за разузнавање, Државниот архив и шефот на Кабинет на собранискиот спикер им се суди за шпионажа и соработка со странски безбедносни служби на кои им оддавале класифицирани документи со различен степен на доверливост.

Според обвинението, „шпионите“ собирале важни инфорамции и му ги предавале на Ефремов, кој подоцна, преку писма со кодни имиња и преку специјален сателитски систем ги испраќал до соработниците од странство.  Информациите кои „шпионите“ ги давале најчесто биле за мометалните состојби во АР и УБК, за безбедноста во Македонија, податоци за активности на вахабисти на македонска територија, но и многу документи истратени до странските соработници под ознака „државна тајна“.