Судењето за насилството во Собранието одложено

Првото рочиште за насилството во Собранието кое се случи на 27 април се одложи за 23 мај, заради  отсуство на еден од обвинетите, Ангеле Зафировски, кој требаше да биде донесен од домашен притвор.

За Зафировски, кој е во домашен притвор, медиумите пишуваа дека е опериран од рак на грло и се наоѓа во тешка здравствена состојба. Други двајца  од обвинетите се наоѓаат во притвор во истражен затвор.

На останатите пет лица им е определена мерка на претпазливост. Сите обвинети се товарат за кривично дело учество во толпа која спречува службено лице во извршување на неговата службена должност. Додека траеше судењето, пред кривичниот суд мирно протестираа група граѓани од здружението „Тврдокорни“, за да ги поддржат како што велат “браќата кои застанаа во одбрана на честа и достоинството на татковината”. Следното рочиште за овој случај е закажано за 23 мај.

Претседателот на државата Ѓорге Иванов вчера во гостувањето во „Само вистина” на ТВ Канал 5, предложи амнестија за лицата кои се обвинети, бидејќи како што рече, потребно е помирување меѓу народот.

За насилствата во собранието осомничени се 30-тина лица, меѓу кои и  таткото и синот, кои се во притвор за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села. Од обвинителството соопштија дека доколку има нови докази во случајот делата на осомничените може да бидат преквалификувани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.