Судењето за „Поткуп“ одложено, Заев не се појави во судот

Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска не дојде во судот на закажаното рочиште за случајот „Поткуп“.

Причина за одложување на рочиштето било е заминувањето на обвинетиот за Сараево каде што треба да ја прими наградата за најградоначалник во Југоисточна и средна Европа, објави „Канал 5“.

На последното рочиште одбраната на Заев побара изземање од случајот на обвинителот Златко Биковски. Причина за барањето за изземање како што образложи Заев на минатото рочиште е постоење на сомнеж дека Биковски е дел од  организирана група што го користи јавното обвинителство да монтира судски процес против него од политички причини.

Адвокатот на Заев, Јаким Наумов денеска истакна дека предлогот за изземање на Биковски поднесен до обвинителството е одбиен.

Денеска во судницата повторно беше присутен обвинителот Владимир Милошевски кому во меѓувреме му го продолжиле мандатот за нови шест месеци што според одбраната претставува преседан.

На судењето не дојде ниту сведокот на обвинителството Иван Николов, од кого според обвинението, Заев побарал 160.000 евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.