Судењето за Пуч би можело да започне кон крајот на мај

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев се уште е под закана да биде обвинет и за оддавање државна тајна за објавувањето материјали од прислушување иако Обвинителството веќе поднесе обвинителен  акт против него како четвртоосомничен во случајот „Пуч“, објави весникот „Дневник“.

Засега, Заев е обвинет дека сторил обид за насилство врз носители на највисоки државни органи, односно за уцената врз премиерот Никола Груевски дека ако не формира техничка влада ќе објавува материјали од прислушување државни функционери и јавни личности.

Од Министерството за внатрешни работи за „Дневник“ потврдиле дека не се откажуваат и од кривична пријава за оддавање државна тајна поради откривањето на деталите од донацијата на МВР од Израел.

Од друга страна, во скопскиот Kривичен суд почнаа да течат роковите за приговор од страна на обвинетите во „Пуч“, кој завршува некаде кон средината на наредната недела. Потоа, како што ја објаснуваат од судот кривичната постапка, најмалку две недели ќе бидат потребни за да се закаже рочиште за овој случај.

– Се  уште се работи на кривичната пријава против Заев за оддавање државна тајна. Не е поднесена до Обвинителството, но не се откажуваме од неа , велат во МВР.

Kако што е познато, МВР на 31 јануари против шестмина осомничени (поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, потоа неговата сопруга, двајца припадници од МВР, Заев и негов соработник во општина Струмица) поднесе кривични пријави за шпионажа и за неовластено снимање и објавување телефонски разговори и насилство врз носителите на највисоките државни органи. Една пресуда, и тоа осудителна, со која се потврдува делото, веќе е донесеа врз основа на признание од вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање, кој призна дека за материјална корист по налог на Верушевски неовластено снимал телефонски разговори за странски служби.

За останатите обвинети, односно на 1 мај, Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1 поднесе обвинителен акт за останатите петтемина откако претходно Верушевски и Заев веќе неколкупати беа повикани да дадат исказ пред обвинител, а преземени беа и други истражни мерки како што е претрес на домот на Верушевски, заплена на компјутери и материјали, обработка на интернет-комуникација меѓу обвинетите, потоа примена на посебни истражни мерки против Заев од средбите со Груевски и слично.

Kако што објаснуваат од Основниот суд Скопје 1, според Законот за кривичната постапка, по приемот на обвинителниот акт, списите веднаш треба да му се достават на судскиот совет кој ќе суди во случајот. Обвинителниот акт судот го доставува и до осомничените со рок за приговор од осум дена. По истекот на овој рок, но не повеќе од 15 дена, се закажува рочиште, на кое се дава оцена на обвинителниот предлог. Ако обвинителниот акт има формални недостатоци, обвинителот има рок од три дена да го поправи. Ако судот донесе одлука да се поведе судска постапка, тогаш во рок од 30 дена од поднесувањето на обвинението треба да закаже и главна расправа. Во конкретниот случај би требало да се очекува главната расправа да почне некаде кон крајот на мај или на почетокот на јуни.

За кривичните дела од организиран криминал, каков што е случајот „Пуч“, може рокот за главна расправа да се одложи и за уште еден месец. Законот за кривичната постапка вели дека главната расправа трае непрекинато и судијата што го води случајот треба да даде своја процена колку време ќе биде потребно за да ги сослуша странките и да ги изведе доказите. Се претпоставува дека за овој случај главната расправа би траела речиси една седмица. Одлагањето е можно евентуално за вештачење. Потоа доаѓаат завршните зборови и донесувањето на одлуката, што е процес кој трае неколку недели, пишува „Дневник“.