Македонија

Судењето за „Топлик“ повторно одложено

Судењето за „Топлик“ повторно одложено

Судењето за случајот „Топлик“ повторно се одложи, денеска поради неприсуство на еден од обвинетите.

Во случајот познат и како „Сончев град“ е обвинет поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет лица за продажбата на градежна парцела во скопско Сопиште. Обвинетите се товарат дека незаконски ѝ овозможиле на фирма да купи државно земјиште за изградба на комплесот „Сончев град“.

Денешното рочиште беше одложено поради неприсуство на обвинетиот Димитар Димовски, кој завршил во болница. Неговиот адвокат Тони Менкиновски пред судот рече Димовски утринава во шест часот лично го однел во Ургениот центар „8 Септември“ поради здравствени проблеми, бидејќи имал проблем со дишењето.

Судијата Осман Шабани реагираше дека од документацијата што му беше приложена се гледа дека обвинетиот е пуштен дома, односно не е задржан на лекување, но адвокатот возврати дека му било дадено боледување и дека денеска немало можност да пристигне на судењето.

Судијата Шабани го одложи денешното рочиште, а следното го закажа за 30-ти март.

На минатото рочиште адвокатите пред почетокот на главната расправа побараа изземање на вештачењето на доказна документација изработена од СЈО, бидејќи вештото лице во моментов е директор на Агенцијата за катастар на недвижности, а неговата ќерка работи во СЈО. Според нив вештачењето е пристрасно.