Независноста на судиите и јавните обвинители е основен постулат на правниот систем

Кога станува збор за независноста на судството, би рекла дека вистинската независност на судството и на јавното обвинителство произлегува пред се од личната независност, како и од интегритетот на самиот судија и јавен обвинител, дискутираше заменичка во Министерството за правда Билјана Бришкоска- Бошковски на денешната панел дискусија на тема „Држава“.

Таа рече дека го вовеле и тестот за интегритет како еден од тестовите кој што треба да ја покаже способноста на секој кандидат за судија или јавен обвинител, во однос на неговата можност да ја практицира оваа функција, како и дали е подготвен да опстои и дали може се одбрани од сите евентуални притисоци, кои што би можеле да влијаат врз неговата работа.

-Основен постулат во делот на независноста во правосудниот систем е начелото каде што не е дозволено, односно е неспојливо вршењето на функцијата судија или јавен обвинител со вршење на било каква политичка функција, односно политичко делување. Ни еден судија и ниеден јавен обвинител   не може да ја пречекори границата во насока на повреда на ова начело. Односно судиите и јавните обвинители се судии и јавни обвинители 24 часа, а во секој нивен настап, во секое нивно јавно делување, треба да се внимава на ова начело односно да не дозволат наместо вршењето на нивната надлежност, а тоа е право раздавањето, докажување на одредени постапки, да ја преминат границата и нивното однесување да се сведе на политичко делување, рече Бришкоска- Бошковски.