Судир меѓу демонстрантите и полицијата во Париз на протестот на празникот трудот

Десетици маскирани млади лица со молотови коктели ја нападнаа во понеделникот во француската престолнина Париз полицијата којашто одговори со солзавец, а во судирите се повредни тројца припадници на интервентната полиција, од кои еден се здобил со тешки изгореници, пренесуваат медиумите и додаваат дека традиционалниот протест по повод празникот на трудот 1-ви Мај инаку бил мирен.

„Масираните лица фрлаа врз полицијата разни предмети и молотови коктели, а силите на редот одговорија со солзавец. Повредени се тројца полицајци“, изјавила портпаролката на полицијата.

Додала дека од првомајската поворка се издвоиле околу 150 маскирани млади лица коишто ги предизвикале безредијата.

Поворката по повод меѓународниот ден на трудот ја организирале четири синдикати, протестирајќи против укинувањето на работничките права, но и екстремната десница па имаше повици да не се гласа за челничката на крајната десница Национален фронт (FN), Марин Лепен во вториот круг од претседателските избори во недела.

Меѓутоа, и меѓу синдикатите дојде до раскол околу усвојување на заеднички став за кого да се гласа во вториот круг, во кој покрај Лепен фаворит е центристот Емануел Макрон.