Судир на полицијата и демонстрантите во Истанбул

Во текот на погребот на 15-годишниот Беркин Елван, кој беше тешко ранет во текот на демонстрациите во паркот Гези во Истанбул минатата година, а кој вчера почина 269 дена по ранувањето, во Истанбул, се собрале голем број граѓани, по што се судриле со полицијата.

Движењето Солидарност од Таксим, повика една група граѓани по погребот да се соберат на улицата Ергенекон во Истанбул. Граѓаните, кои се одзвале на повикот, по пристигнувањето почнале да протестираат против актуелната влада на Турција.

Граѓаните седеле мирно се’ додека една група не се качила на полициските возила на кои што биле инсталирани водени топови.

И покрај предупредувањето на полицијата демонстрантите не сакале да се повлечат, туку кон полицијата почнале да фрлаат со камења, метални предмети, пиротехнички средства и останати предмети кои што им дошле при рака.

Полицијата возвратила со солзавец и водени топови, по што демонстрантите се разбегале по околните улици.