Судир на полицијата и демонстрантите во Тетово за случајот Монструм

Нов судир на демонстрантите со полицијата во Тетово, кои протестираат незадоволни од пресудата за Случајот Монструм, пишува Република. Мирната поворка која од тетовскиот плоштад тргна кон Судот, за момент ја смени трасата на движење и тргна кон штабот на ДУИ во Мала Речица, кој беше под силно полициско обезбедување.

Во моментот кога демонстрантите се обиделе на сила да го пробијат полицискиот кордон, се судрија со полицијата која употреби шок-бомби за да ги растера демонстрантите.

Во другите градови е мирно. Неколку стотини граѓани мирно протестираа во Скопје, Гостивар и Кичево против доживотната затворска казна за случајот Монструм.

За разлика од претходните два дена, денеска протестите во Скопје беа мирни, а меѓу групата од 200 до 300 претежно млади лица, беа и членови на семејствата на обвинетите. Протестната група тргна од Јаја – пашината џамија, но на Бит Пазар, пред главната крстосница кај „Мавровка“ беше сопрена од  полициски сили со оклопни возила. Демонстрантите извикуваа погрдни пароли на сметка на обвинителката во судскиот процес и министерката за внатрешни работи, а имаше и скандирање „УЧК“.

Попладнево, околу 300 демонстранти се собрале и пред седиштето на Општина Струга изразувајќи го својот револт од правната разрешница на случајот „Монструм“.

Како што јавува порталот а1.он.мк, од пред седиштето на Општина Струга, демонстрантите се упатиле пред Основниот суд во Струга каде го блокираа патот. Учесниците на денешните протести прошетаа и низ струшката чаршија, како и покрај кејот на реката Црн Дрим.

Денеска, преку социјалните мрежи беа најавувани протести во повеќе градови против одлуката на судот за доживотна затворска казна на шестмина од обвинетите за убиството на петте млади момчиња кај Симљковското Езеро.