Судир на полицијата и исламистичките демонстранти во Исламабад

Пакистанската полиција со солзавец и водени топови растера во саботата исламистички демонстранти за да ги прекине блокадите кои повеќе од две седмици го попречуваа влегувањето во главниот град Исламабад, а според медицински извори речиси триесет лица лица се згрижени во болница поради полесни повреди.

Судирот започна во саботата претпладне кога околу 4.000 полицајци започнаа операција за да растераат околу 1.000 активисти на новата радикална исламистичка партија Техрик-е-Лабаик и да го отстранат нивното упориште, изјавил за Reuters пакистанскиот функционер Сауд Тирмизи.

Десетици демонстранти се приведени, додал Тирмизи, а болнички извори потврдиле дека најмалку 27 лица се хоспитализирани поради повреди.

Масовните протести и успесите на двете нови исламистички партии во Пакистан, покажуваат дека јакне нивната моќ неколку месеци пред изборите предвидени следната 2018 година.

Додека траеше полициската операција, демонстрантите, некои од нив со маски и со камења, порачуваа дека ќе се борат на улиците.

„Нѐ има со илјадници. Нема да си заминеме. Ќе се бориме до крајот“, изјавил за Reuters портпаролот на партијата Ејаз Ашраф, обраќајќи се телефонски од улица.

Демонстрантите со денови го блокираа нормалниот живот во пакистанската престолнина и бараа оставка од министерот за правда пркосејќи ѝ на одлуката на судот да ги прекинат протестите како незаконски.

Партијата Техрик-е-Лабаик, која зајакна и има 7,6 отсто поддршка од гласачите, заговара воведување на строгото шеријатско прави и го обвинува министерот за правда Захид Хамид дека со измените коишто ги внесе во изборната заклетва сторил богохулство.

Партијата го започна своето протесно седење на сообраќајниците пред повеќе од две седмици и владата се обидуваше да преговара настојувајќи да го избегне насилството какво што се одигра во 2007 година, кога судирот меѓу радикалните исламисти во џамија во Исламабад и полицијата резултираше со повеќе од 100 мртви.

Во источниот град Лахоре, приврзаниците на оваа партија блокираа три улици во градот, а во Карачи околу 500 демонстранти блокирале една од поважните улици, јавуваат дописниците на Reuters.