Судири меѓу Курдите и турската војска во северна Сирија

Судири меѓу курдска милиција и турската армија избувнале во вторникот и продолжуваат во средата во кантонот Африн на северот од Сирија, пренесува курдската новинска агенција Firat.

Турската армија во вторникот извела артилериско бомбардирање врз позициите на милицијата на сириски Курди – Единици за заштита на народот (YPG), којашто Анкара ја смета за поврзана со забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK). Потоа, како што пренесува агенцијата, турските војници ги нападнале позициите на милицијата кај селото Фирфирка, во месноста Рако. Нема податоци за евентуално настрадани на двете страни, но во агенцискиот извештај се наведува дека борбите продолжуваат и во средата.

Во вторникот турската авијација изврши удар врз курдските позиции во Карачох, во сириската покраина Хасака и на северот од Ирак.

Во бомбардирањето во Сирија загинале 20 борци на курдската милиција YPG и уште други 18 биле ранети. Притоа, YPG ја предводи арапско-курдската коалиција којашто со помош на американската авијација и специјалците води офанзива во сириските градови Рака и Табка коишто се под контрола на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава.

Во Ирак, пак, во областа Синџар којашто на курдски јазик се нарекува Шенгал, загинале пет курдски борци, а девет биле ранети. Загинал и еден цивил а друг бил ранет. Како што се покажало подоцна, станувало збор за погрешен напад, односно турската авијација била во напад на позициите на Работничката партија на Курдистан, но жртвите се припадници на ткн „пешмерга“, силите на Демократската партија на Курдистан, кои се во коалиција со армијата на Турција.

Сириските Курди имаат цел и прогласија пред две години автономија, којашто наиде на осуди од сите страни инволвирани во сирискиот конфликт. Покрај тоа, не е исклучена можноста за идното формирање на независен Курдистан на делови од териториите од Сирија и од Ирак. Анкара стравува дека во тој случај и големото курско малцинство во Турција, исто така, ќе бара независност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.