Судири меѓу полицијата и демонстранти во Атина

Грчката полиција денеска се судри со група демонстрантите кои фрлаа молотови коктели во центарот на Атина за време на протестот во рамките на генералниот штрајк во Грција.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата.

Грција денеска е речиси целосно блокирана поради 24-часовниот генерален штрајк, што го организираат синдикатите во знак на протест поради новите мерки за штедење што ги договори грчката Влада со кредиторите, како услов за исплата на нова транша од помошта за земјата.

Поради штрајкот, фериботите и останатите бродови воопшто не сообраќаат со што островите останаа целосно отсечени од континенталниот дел на земјата, додека јавниот транспорт се одвива со редуциран возен ред.

Откажани се и сите авионски летови, како и целокупниот железнички сообраќај.

Генералниот штрајк се организра во време додека во грчкиот Парламент трае дебатата околу Предлог-законот за новите мерки за штедење, за кој пратениците треба да гласаат утре вечер.

Со овие мерки, Атина се согласи да врати долг од 3,6 милијарди евра, средства кои треба да бидат обезбедени со намалување на пензиите и давачките во државниот сектор и со зголемување на даноците. Согласно договорот, примената на овие мерки треба да започне по 2018 година, откако ќе истече сегашната програма за спас, и треба да бидат импементирани во период од две години, односно во текот на 2019 и 2020 година.

Од усвојувањето на новиот Предлог-закон ќе зависи дали на средбата на Еврогрупата на 22 мај ќе биде донесена одлука за исплата на нова транша од кредитите за спас на Грција.