Судири на маршот во сеќавање на убиениот грчки рапер Павлос Фисас

Стотици млади лица денеска се судрија со полицијата во Атина за време на маршот одржан во знак на сеќавање на раперот Павлос Фисас, кој пред една година беше убиен од страна на припадник на неонацистичката партија Златна зора, објави МИА.

Инцидентот се случил во атинското предградие Керацини, каде лани беше нападнат и убиени раперот Фисас, кој беше познат под името Кила Пи.

При денешните судири се искршени излозите на повеќе продавници, а демонстрантите подметнаа пожари во неколку контејнери кои ги користеа како барикади пред полициските сили, кои пак употребија солзавец за да ги растераат насилниците. При инцидентите е повреден еден случаен минувач.

Фисас (34) беше убиен пред едно кафуле во близина на неговиот дом од страна на активистот на Златна зора, Јоргос Рупакијас, кој се наоѓа во притор во очекување на судскиот процес против него под обвинение за убиство.

Смртта на Фисас доведе до неколкудневни антифашистички протести, што ја натера државата да преземе казнени мерки против Златна зора и нејзините лидери.