Судири помеѓу Палестинци и полицијата во Ерусалим

Палестински демонстранти денеска се судрија со израелската полиција на чувствително свето место во Ерусалим, при што тројца полицајци се полесно повредени, изјави портпаролката на полицијата Луба Самри, објави МИА.

Судирот се случи откако неколку десетина маскирани лица почнале да фрлаат камења и пиротехниочки средства врз полицајците на Ридот на храмот, како што го нарекуваат Евреите, односно Харам ал-Шариф (Возвишено засолниште) како што го барекуваат муслиманите.

Се’ уште нема информации дали има повредени лица меѓу палестинските демонстранти.

Полицијата ги гонела демонстрантите кон џамијата Ал Акса, каде тие се забарикадирале и продолжиле да фрлаат камења кон полицајците. Беше фрлен и еден молотов коктел, кој не се запали, посочи Самри.

Претходно, израелското Министерство за туризам одлучи да го забрани влезот кон светото место Ридот на храмот, што беше осудено од палестинските претставници, кои одлуката ја оценија како унилатерална промена на статусот на чувствителното место.