Судири во Каиро по смртта на момче во полициска станица

Судирите меѓу демонстрантите и полицијата избувнаа во саботата утрото пред полициска станица во египетската престолнина Каиро каде што момче, уапсено претходниот ден, починало во засега неразјаснети околности, соопштија безбедносни извори.

Во судирите пред полициската станица во каирскиот кварт Мокатам повредени се девет лица, а дваесетина се приведени, рекле истите извори. Демонстрантите палеле гуми и автомобили, па морале да интервенираат и пожарникарите.

Момчето, чијшто идентитет египетските медиуми го откриваат само според прекарот „Афрото“, било уапсено во петокот утрото поради препродажба на дрога.

Демонстрантите ја обвинуваат полицијата дека е одговорна за неговата смрт. Меѓутоа, според безбедносните извори, тој починал во жестоката физичка пресметка меѓу притворениците во полициската станица. Обвинителот побарал да го прегледа телото и наредил обдукција.

Организациите за човекови права често ја обвинуваат полицијата и припадниците на тајните служби за злоставување и мачење на затворениците. Претседателот Абдел Фатах ал-Сиси, вети засилена борба против полициската бруталност и тврди дека станува збор за застранувања, а во никој случај за полициска практика.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.