Судири во Венецуела, претседателот ја распоредува војската

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро започна со распоредувањето на 2.600 војници во Тачира, една од 23-те венецуелски сојузни држави, по грабежите и нападите во периодот на речиси двомесечниот бран протести во кои загинаа 43 луѓе.

„Наредив распоредување на 2.000 војници и 600 агенти за специјални операции“, изјави во средата венецуелскиот министер за одбрана Владимир Падрињо Лопез на државната телевизија VTV истакнувајќи дека дејствувал по барање на социјалистичкиот претседател Николас Мадуро.

Војнциите започнале да пристигнуваат во Тачира ноќта кон четвртокот.

Ден претходно шефот на државата повторно ја продолжи економската вонредна состојба којашто на сила е од јануари 2016 година, што му овозможува ограничување на уставните гаранции и преземеање посебни мерки во доменот на „општествениот, економскиот, политичкиот и судскиот ред“.

Венецуела од почетокот на април е потресувана од бран масовни протести и судири, а бројот на смртно настраданите се зголемува речиси секојдневно. Во средата беше објавено дека загинал 15-годишен демонстрант.

Вкупно смртно настрадале 43 лица, исто како и во претходната голема серија протеести против мадуро од февруари до мај 2014 година.