Крими хроника

Судот го прифати обвинението на СЈО за „Титаник“

Судот го прифати обвинението на СЈО за „Титаник“

Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, кој постапува во оценка на обвинителниот акт на Специјалното јавно обвинителство „Титаник“, донесе решение со кое обвинителниот акт го одобри во целост. Формиран е кривичен предмет со КОК бр. 7/18 кој согласно АКМИС – електронскиот систем е распределен на понатамошно постапување, а за тоа кога ќе биде главната расправа, странките и јавноста ќе бидат дополнително известени, соопшти Основниот суд Скопје 1 – Скопје.

Во случајот „Титаник“ обвинети се поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Мартин Протогер, поранешниот генерален секретар на владата и на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, и уште петнаесетина други лица. Сите се товарат за злосторничко здружување, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и повреда на избирачкото право.