Судот на честа на Лекарската комора отвори постапка за гевгелиските анестезиолози

Судот на честа на Лекарската комора отвори постапка за гевгелиските анестезиолози
Судот на честа на Лекарската комора отвори постапка за гевгелиските анестезиолози

Судот на честа на Лекарската комора на Македонија отвори постапка за оценување дали има основ за привремено или трајно одземање на лиценца за работа на докторите од Гевгелиската болница при вршење на интервенција во текот на која починаа родилка и нејзиното бебе, односно за одговорноста на лекарите од етичка и деонтолошка гледна точка согласно Кодексот на медицинската деонтологија.

„Членовите на ова тело на Комората ја разгледаа расположливата документација која е доставена до Комората и едногласно оценија дека за да се одлучува неопходно е да се добијат извештаите од извршениот вонреден стручен надзор на Министерство за здравство, изјавите на сите инволвирани субјекти, судско-медицинското вештачење, како и други документи и материјални докази релевантни за овој случај од надлежни институции“, се наведува во соопштението на Судот на честа.
Оттаму велат дека располагаат единствено со известувањето од Министерството за здравство и известување за резултати од анализа на алкохол во земените примероци крв од страна на Министерството за внатрешни работи.

Членовите на судот на честа со официјален допис побарале од надлежните институции и органи да ја достават потребната документација и извештаите, како и информацијата за организационите аспекти на установата за да може мериторно да одлучат за отворениот предмет.

Лекарската комора на Македонија порачува дека е спремна докрај да го расветли овој случај во рамките на своите надлежности и благовремено ќе ја информира јавноста по завршувањето на постапката и донесувањето на одлуката за предметот од ЈЗУ Општа болница – Гевгелија.