Судот не ги прифати „бомбите“ во уште шест предмети на СЈО

Основниот суд Скопје 1 не ги прифатил како доказ прислушуваните разговори уште во шест случаи на СЈО. Откако неодамна ги отфрли прислушуваните разговори како доказ во предметите „Тендери“, „Топлик“ и „Тортура“, судот деновиве донел одлука да ги отфрли „бомбите“ и од предметите „Титаник“, „Титаник 2“, „ТНТ“, „Тенк“, „Тревник“, и „Тифани“. Од СЈО најавуваат жалби на решенијата во законски рок.

Апелацисјиот суд претходно постапувајќи по жалби на СЈО за отфрлање на „бомбите“ како доказ во случајот „Триста“, но и во случајот за насилството во Центар веќе донесе поволни одлуки за обвинителството. Апелацискиот суд во одлуките наведе дека прислушуваните разговори се дел од доказниот материјал, бидејќи со формирањето на Специјалното јавно обвинителство аудио записите од телефонските разговори се внесени во правниот поредок на Република Македонија.

СЈО кон крајот на јуни до Кривичниот суд достави 17 обвиненија, за 18 предмети, во кои главните обвинети се од врвот на ВМРО-ДПМНЕ.