Судот во Тирана го прогласи виновен министерот Бушати за навреда на Македонците

Административниот суд во Тирана пресуди во корист на Македонците во Албанија, поништувајќи ја одлуката на Комесарот за заштита од дискриминација и му наложи на истиот да ја разгледа жалбата против министерот Бушати, кој Македонците ги нарече „Славо-Македонци”.

Македонското друштво „Сонце”, поднесе жалба до Комесарот за заштита од дискриминација, барајќи јавно извинување од министерот за надворешни работи на Република Албанија, Дитмир Бушати, бидејќи при едно негово интервју дадено на 9 јануари 2017 за телевизија “Топ ченел”, коментирајќи ги состојбите во Република Македонија го користеше терминот “Славо-Македонци” за македонскиот народ.

Комесарот за заштита од дискриминација не ја прифати жалбата на македонското друштво „Сонце”, со образложение дека не ги исполнувала условите предвидени со законот  за заштита од дискриминација.

Сметајќи дека терминологијата што ја користеше министерот Бушати е навредлива и понижувачка за Македонците, упативме жалба до Комесарот за заштита од дискриминација придружена со соодветни докази, барајќи јавно извинување од министерот Бушати за употребата на терминот “Славо-Македонци” и во иднина да не употребува навредливи термини против македонскиот народ, изјави за МИА Васил Стерјовски претседател на МД „Сонце“.

Според него, Комесарот за заштита од дискриминација ја одбил нивната жалба, по 13 месеци, со образложение дека  со жалбата не е доставен идентификациски документ на Стерјовски.

Поради ова се жалевме до Административниот суд во Тирана каде баравме поништување на одлуката на комесарот и обврска да ја разгледа жалбата. Во судска постапка докажав дека имав доставено идентификациски документ и дека Комесарот за заштита од дискриминација во овој случај ги прекршил роковите предвидени со Законот за заштита од дискриминација, при што беше должен да донесе одлука во рок од 90 дена од денот на приемот на жалбата,  а тоа тој го направи по една година и еден месец. Административниот суд во Тирана на крајот донесе одлука со која се прифати нашата тужба, ја поништи одлуката на Комесарот за заштита од дискриминација со обврска да ја разгледа нашата жалба, вели Стерјовски.

Според одлуката на судот, посочува тој, неразгледувањето на жалбата од страна на Комесарот е неоснована со закон и факти.

Во конкретниот случај, стои во одлуката на судот, отсуството на идентификациски документ, дури и ако се докажеше дека е факт, не може да се смета како околност за да се одлучи да не се прифати жалбата.

Одлуката е неоснована бидејќи е докажано дека подносителот на жалбата приложил со жалбата докази и се повикува на доволно елементи за сомневање за дискриминација која би била доволна за поведување на административна истрага, се наведува во одлуката на судот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.