Судовите во случаите на СЈО да ја следат европската пракса како судот во Атина

Две години одбраната се бори со судот да докаже дека Постапките на СЈО и судењето на помилувани лица е флагрантно кршење на човековите права и се коси со европското право, вели за Алфа, адвокатката Сања Алексиќ.
Па, оттука е и одлуката на највисокиот суд во Грција, во врска со екстрадицијата на двајцата поранешни функционери во МВР, Горан Грујовски и Никола Бошкоски, додава Алексиќ, која очекува и нашите судови да го прифатат ставот на грчкиот Врховен суд, бидејќи Македонија е потписничка на меѓународните конвенции, на кои се повика и судот во Атина кога ја донесе одлуката за екстрадицијата.

И Република Македонија ги има ратификувано истите конвенции затоа треба да го има истиот став, како судот во Атина. Европската конвенција во Република Македонија е над домашното законодавство и не се коси со Уставот на државата, а од друга страна пак, меѓународни договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон, вели Сања Алексиќ, адвокат.

Според неа, на обвинетите од страна на СЈО, во два наврати им се прекршени човековите права. Првиот пат кога била отповикана аболицијата, а втор пат кога седнале на обвинителна клупа во суд, односно почнале постапки против нив.

Во ситуација кога во домашното законодавство е предвидена можност за отповикување  на аболицијата, како што беше случај кај нас, не може да важи за помилувани лица кои биле аболицирани врз основ на претходниот закон,  објаснува адвокатката.

Според Алексиќ,  со одлуката за помилување требало да запрат сите постапки што се водат против аболицираните. Со измената на законот за помилување и одлуката да се повлече аболицијата повредена е европската конвенција за човекови права.