Судски спорови, проблеми со полицијата и банките најчести претставки упатени до Омбудсманот

Работи поврзани со судски спорови од најразлична тематика, прашања за имотно-правни односи, правата на работниците, полицијата, условите во затворите, се само дел од темите од претставките кои се најбројни кај Народниот правобранител, Иџет Мемети, кој во моментов е на дводневна конференција во Охрид посветена на правата на граѓаните во постапките на извршување и избирачко право.

„Македонија воспостави нов систем на извршување и секогаш при такви радикални промени се јавуваат проблеми во пракса, така што и извршувањето на почеток им создаваше големи проблеми на граѓаните, било од формален, било од аспект на нецелосно спроведување на одредбите од Законот“, изјави Мемети.

Тој како пример ги посочи случаите каде треба да се реализираат извршни решенија за наплата кај лица кои се приматели на социјална помош, што е спротивно на Законот.

Мемети додаде дека иако дел од проблемите се надминати, но и дека граѓаните и понатаму се соочуваат со проблеми, како случаите кога банките при спроведување извршни решенија зафаќаат повеќе од третина од вкупните приходи на граѓаните, што исто така е спротивно на легислативата.

Омбудсманот по однос на втората тема посочи дека во избирачкото право недостасува брзината во реализирањето на правото на граѓаните како бирачи.

„Избирачкото право условува ажурност, така што заштитата што ја дава народниот правобранител во оваа сфера засега се сведува само на наоѓање на граѓаните на избирачките списоци, односно само да ги информира“, истакна Мемети.

За него, средбите како оваа во Охрид, се можност да се разменат мислења, да се укаже на слабостите во легислативата и да се понудат решенија за нивно надминување.

Марк Ласер од Амбасадата на САД ги поздрави реформите што се спроведуваат во земјата во насока на подобрување на кривично-правниот систем и правосудниот систем во целина, како и чекорите од аспект на реформите на казнената политика.

„Се разбира има уште области каде може да се работи на подобрувања, особено ја охрабруваме власта да издвои повеќе средства за финансирање на правосудниот систем во целина, како и за активности што ќе придонесат за поголема информираност на граѓаните за нивните права“, истакна Ласер.

На дводневната работна средба во Охрид кој ја организира Народниот правобранител со поддршка на Американската амбасада, учествуваат и претставници на Комората на извршители во РМ, Апелацискиот суд во Битола и Основниот суд во Струга, министерствата за правда, за внатрешни работи, како и претставници на ДИК.